Ginekalikslab

Прееклампсија: Што треба да знае секоја идна мајка?

Бременоста често се опишува како еден од најубавите и најзначајните периоди во животот на жената. Но, тоа е и време кога здравјето бара особено внимание, и за мајката и за бебето. Една од најсериозните и потенцијално опасни состојби што можат да се појават за време на бременоста е прееклампсијата. Со навремена информираност и соодветна грижа, ризиците можат значително да се намалат.

Што е прееклампсија?
Прееклампсијата е компликација во бременоста која обично се јавува по 20-та недела и се карактеризира со висок крвен притисок и често со протеини во урината. Може да влијае на работата на црниот дроб, бубрезите и други органи и, доколку не се лекува, може да предизвика сериозни, па дури и по живот опасни состојби и за мајката и за бебето.

Кој е во ризик?
Иако прееклампсијата може да се појави кај било која трудница, некои фактори го зголемуваат ризикот:

  • Прва бременост
  • Историја на висок крвен притисок
  • Бременост со близнаци или повеќе плодови
  • Прекумерна тежина
  • Дијабетес или заболување на бубрези
  • Семејна историја на преклампсија
  • Возраст над 35 години

Најчести симптоми
Понекогаш, прееклампсијата се развива без очигледни симптоми, поради што редовните пренатални прегледи се од клучно значење. Но, кога симптомите ќе се појават, можат да вклучуваат:

  • Висок крвен притисок (140/90 ммHg или повеќе)
  • Отоци на лицето, рацете или нозете
  • Нагло зголемување на телесната тежина
  • Интензивни главоболки
  • Проблеми со видот (заматеност, чувствителност на светлина)
  • Болка во горниот десен дел на стомакот
  • Мачнина или повраќање во доцната бременост

Ако забележите некој од овие симптоми, веднаш контактирајте го вашиот гинеколог.

Зошто е важна раната детекција?
Прееклампсијата може брзо да напредува. Без навремено лекување, може да доведе до сериозни компликации како еклампсија (напади), HELLP синдром (оштетување на црниот дроб и крвта) и предвремено одлепување на постелката, што претставува сериозен ризик и за мајката и за бебето.

Како се лекува?
Нема дефинитивен лек за прееклампсија, освен породување, па затоа раната дијагноза и постојаното следење се многу важни. Третманот зависи од тежината на состојбата и неделите на бременоста и може да вклучува:

  • Одмор или ограничување на активности
  • Лекови за намалување на крвниот притисок
  • Редовни лабораториски тестови
  • Следење во болнички услови
  • Предвременo породување, доколку е потребно

Може ли да се превенира?
Иако не постои сигурен начин да се спречи, ризикот може да се намали со:

  • Редовни пренатални прегледи
  • Контрола на крвниот притисок
  • Здрава исхрана и одржување на нормална тежина
  • Третман на хронични болести како дијабетот
  • Физичка активност (во согласност со препораките на докторот)
  • Превентивно генетско тестирање за одредување на потенцијалниот ризик за развој на оваа состојба

Колку повеќе знаете за симптомите и можностите за лекување, толку повеќе може да се заштитите себеси и вашето бебе.

Ако сте бремени или планирате бременост, разговарајте со вашиот лекар за прееклампсијата.

Стапи во контакт

Јавете ни се за повеќе информации

+389 70 344 380 | +389 78 344 320